Украина забрани музика од руски изведувачи, но постои и „бела листа“

од Nikola Popovski
209 прегледи

Врховната Рада на Украина (Парламентот) гласаше за забрана на музиката на руските изведувачи на јавни места во земјата. Ова го соопшти пратеникот Јарослав Железњак, а пренесува руска Новаја Газета Европа. Забранет е и увозот и дистрибуцијата на книги и весници од Русија,

Според неговите зборови, предлог-законот го поддржале 303 пратеници. Според текстот на документот, на музичките изведувачи од Русија ќе им биде забрането јавно да настапуваат во Украина, а ќе биде забрането и пуштањето на нивната музика и музички спотови.

Исклучок ќе бидат, како што пишува Новаја Газета, изведувачите кои повеќе не се државјани на Руската Федерација. Покрај тоа, Службата за безбедност на Украина (СБУ) ќе ја регулира „белата листа“ на музичари кои ја осудија руската воена агресија врз Украина. Оваа листа ќе биде јавна и ажурирана.

Железњак додаде и дека Собранието забранило увоз и дистрибуција на книги и други издавачки производи од Русија, на териториите кои беа привремено окупирани од Русија и Белорусија. За тој предлог гласале 306 пратеници.

Предлог-законот за забрана на руската музика бил инициран во мај од 10 украински пратеници од различни партии. Тие, исто така, предложиле зголемување на бројот на песни на украински јазик во радио емитување на 40 отсто (досега 35), како и зголемување на дневниот обем на ТВ програми на државниот јазик на 75 отсто.

Слични содржини