Во рамките на украинскиот преговарачки тим има сè повидливи поделби околу насоката на мировните преговори со Русија, пишува „Економист“
Според британскиот неделник, еден дел од украинската делегација се залага за брз договор со посредство на САД, додека другиот е многу повнимателен.
„Економист“ исто така наведува дека и Москва и Киев назначиле попрагматични личности во преговарачките тимови во 2026 година, објави „Украинска правда“.
Во украинската делегација особено се издвои од Кирил Буданов, поранешниот шеф на украинската воена разузнавачка служба, кој остави силен впечаток како де факто нов лидер на украинскиот преговарачки тим.
Извор близок до украинската страна процени 50 проценти шанси за пробив во преговорите, што укажува на умерен оптимизам, но и голема неизвесност.
Од руска страна, Кремљ неочекувано го врати Владимир Медински на чело на преговарачкиот тим. Медински е опишан како „демагог склонен кон историски фантазии“, што сугерира дека Москва продолжува да комбинира политичка реторика и историски наративи во преговорите.
Два табора во Киев
Според „Економист“, поделбите се видливи и во самата украинска делегација. Едното крило, собрано околу Буданов, верува дека е во интерес на Украина да постигне брз договор под американско водство, плашејќи се дека прозорецот на можности наскоро може да се затвори.
Другото крило, кое наводно е сè уште под влијание на контроверзниот поранешен шеф на претседателската администрација, Андриј Јермак, е многу порезервирано во врска со такво сценарио. Јермак, според весникот, ја напуштил функцијата по корупциски скандал.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски наводно балансира помеѓу два табора, а во исто време развива свои идеи за понатамошниот тек на преговорите.
Да потсетиме дека на 17 февруари во Женева започна нова рунда мировни преговори во трилатерален формат меѓу Украина, САД и Русија. Исходот од овие разговори би можел да го одреди понатамошниот тек на војната, како и политичката динамика во самото украинско раководство.