Украински експерти веќе работат на местото во пограничната област на југоисточна Полска, каде ракета усмрти две лица, изјави украинскиот министер Дмитро Кулеба.
Тој на Твитер напиша дека Украина ќе ја продолжи „отворената и конструктивна“ соработка со Полска во врска со инцидентот во вторникот, во кој животот го загубија две лица.
Варшава и нејзините западни сојузници велат дека доказите од местото на настанот покажуваат дека експлозијата била предизвикана од украинска противвоздушна ракета која залутала во потера по руски проектил. Киев го негира ова, велејќи дека има доказ за „руска трага“ во експлозијата.
„Украинските експерти веќе работат на местото на трагедијата во Пжеводов, која беше предизвикана од рускиот ракетен терор против Украина“, напиша Кулеба.
„Благодарен сум на полската страна што дозволи пристап. Ќе ја продолжиме нашата соработка на отворен и конструктивен начин, како што тоа го прават нашите најблиски пријатели“, додава тој.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски инсистира дека експлозијата не била предизвикана од украинска ракета, иако Полска и НАТО алијансата во средата рекоа дека најверојатно станува збор за залутана украинска ракета за воздушна одбрана, а не за руски напад.