Руските трупи навлегле во регионот Дњепропетровск во централна Украина, соопштија денеска украински воени аналитичари.
Според нив, градовите Запориске и Новохеорхијивка во овој регион се веќе окупирани од Русија.
Но украинската армија ги негираше последните тврдења.
„Украинските вооружени сили го запреа напредувањето на руските освојувачи и продолжуваат да го контролираат селото Запориске“, објави на Телеграм воената група „Дњепар“ одговорна за тој дел од фронтот.
Се вели дека борбите за соседното село Новохеорхијивка продолжуваат.
Според други извештаи, Украина денеска признала дека руската војска влегла во областа Дњепропетровск на истокот од земјата, каде што Москва тврди дека напредува од јули оваа година.
Киев досега негираше какво било напредување, па дури и упад на руската војска во областа Дњепропетровск.