Украинската амбасадорка во земјава Наталија Задорожњук денеска обелодени дека се повлекува од позицијата, при што имаше проштална средба со претседателот Стево Пендаровски. Таа посочи дека му се заблагодарила на претседателот за практичната поддршка на Украина во војната со Русија, како и за неговата лична улога во развојот на пријателските односи.
-Дојде време и јас да ѝ кажам „До гледање“ на оваа прекрасна земја! Дојдов во Македонија со цел максимално да ги интензивирам украинско-македонските односи во сите сфери. Ѝ благодарам на судбината што овој период беше во мојот живот. Тука се чувствував уверено – со Балканот се занимавам од 1986 година, а конкретно со Македонија – од 2004 година. Течно го зборувам јазикот. Тоа многу помогна во работата. Се надевам дека многу е постигнато, напиша Задорожњук на социјалните мрежи.
Таа потенцира дека Украина и Македонија се исклучително блиски земји.
-И Украина и Македонија со целата своја понова историја докажуваат дека ние треба да бидеме дел од Европската Унија, секако со исполнување на нашите домашни задачи. Целта е иста, патиштата се различни. Нам ни е многу потешко. Кај нас, на наша земја се води војна. Но, Украинците во текот на целата нивна историја докажаа дека ние сме непобедлива нација и верувам дека наскоро (процесите се менуваат исклучително брзо) знамињата на Украина и Северна Македонија ќе се веат во Брисел. Им благодарам на сите мои пријатели од Украина и Македонија кои ми помагаа во работата. Македонија е во моето срце засекогаш, стои меѓу другото во објавата на украинската амбасадорка.