Поплавите предизвикани од уништувањето на браната Каховка на југот на Украина ги принудија руските војници во областа Херсон да се повлечат пет до 15 километри, изјави денеска портпаролката на јужноукраинската команда Наталија Хуменјук.
Хуменјук за украинската телевизија изјави дека прераспоредувањето на војниците „практично го преполовило“ руското гранатирање во регионот Херсон.
„Ројтерс“ соопшти дека не може самостојно да ја потврди ситуацијата на бојното поле.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека го посетил поплавениот јужен регион Херсон и разговарал за ситуацијата по уништувањето на браната Каховка.
Зеленски на Телеграм напиша дека разговарал со властите за евакуација на населението од потенцијалните поплавени подрачја, за санирање на последиците предизвикани од експлозијата на браната, како и за организирање на животот и поддршка на поплавените подрачја, пренесе „Ројтерс“.
Градоначалникот на Херсон претходно денеска изјави дека 600 квадратни километри од регионот се под вода – поголемиот дел од руската окупирана страна на Дњепар – и дека речиси 2.000 луѓе веќе ги напуштиле погодените области.
Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат дека во вторникот ја уништиле хидроелектричната брана Каховка на реката Дњепар.
Градот Херсон се наоѓа на десниот брег на реката Дњепар, околу 60 километри низводно од браната Каховка.