Украински маринци од првата линија на фронтот: „Непотребна битка, ние сме во самоубиствена мисија“

од Stefanija Kuzmanovska
301 прегледи

Кога пред неколку месеци украинската контраофанзива почна видно да слабее, претседателот Володимир Зеленски и неговите советници решија да ги насочат воените напори на „јужното бојно поле“, во регионот Херсон, на бреговите на реката Дњепар.

Планот беше да се загрози таканаречениот руски копнен коридор кон Крим. Минатиот месец, украинското министерство за надворешни работи дури се пофали со огромен напредок на сопствените трупи на тоа бојно поле, а руските воени блогери покажаа знаци на загриженост поради зголемувањето на непријателските сили.

Но, група украински маринци, кои два месеца водат напад преку реката Дњепар, тврдат дека реалноста е нешто поинаква.

Шестмина од нив изјавија за „Њујорк Тајмс“ дека веруваат дека крвавата борба за воспоставување упориште преку реката Дњепар е непотребна, а жртвите се страшни.

„Еден куп војници завршуваат мртви во реката многу пред да стигнат на другата страна. Условите се неверојатно тешки. Околу нас се претежно мочурливи острови преполни со мали реки или ливади кои станаа мочуришта. Ништо освен кратери од кал и бомби полни со вода“, изјавиле војниците за новинарите на „Њујорк Тајмс“.

Тие тврдат дека одлучиле да зборуваат „од загриженост поради големиот број жртви и преоптимистичките извештаи на официјални лица за напредокот на офанзивата“.

„Свежите трупи кои пристигнуваат на источниот брег мора да газат врз телата на војниците кои лежат заплеткани во барите од кал“, рекол војник со кодно име Алексиус, кој што, како што пишува „Њујорк Тајмс“, е искусен војник.

Тој тврди дека е невозможно да се закотви или премести опрема на територијата околу реката Дњепар.

„Тоа не е ни борба за опстанок, туку самоубиствена мисија“, вели Алексиус.

Тој ги обвинува украинските команданти за неуспехот бидејќи лошо го подготвиле нападот тактички и логистички.

„Ранетите беа оставени да умрат бидејќи немавме доволно чамци да ги пренесеме во болница. Бруталните услови го деградираат моралот“, објаснува тој.

Друг украински војник покажа малку поголем оптимизам. „Њујорк тајмс“ пишува дека тој им рекол дека „и покрај загубите, овие напади ги иритирале руските команданти, кои ја вратиле десантната единица од фронтот во Запорожје за да ја засилат одбраната“.

Војникот, потпишан како Максим, кој се опоравуваше во болница откако беше ранет во ноември, за „Њујорк Тајмс“ се потсети на ужасот на брегот на Дњепар.

Откако тројца мажи беа убиени во воздушен напад, на неговата единица ѝ било наредено да се евакуира. Додека патувале кон брегот во темнината, војниците се нашле под дожд од гранати. Кога конечно стигнале до реката, им било кажано дека ќе треба да чекаат три часа пред чамците да ги соберат.

„Има мочуриште, цело во кратери исполнети со вода. Но, гранати паѓаа цело време, па немавме друг избор освен да се обидеме да копаме што е можно подлабоко. Левиот брег беше како чистилиште. Уште не си мртов, но веќе не се чувствуваш жив“, се присетил Максим.

Генералштабот на вооружените сили на Украина вчера соопшти дека не можат толку брзо да ги коментираат обвинувањата на војниците, но дека ќе одговорат во догледно време.

Слични содржини