Украински пратеник обвинува дека Манафорт му плаќал на австриски канцелар

од desk2
87 прегледи

Украинскиот опозициски пратеник Серхи Лешченко тврди дека меѓу високите поранешни политичари, на кои Пол Манафорт, поранешниот шеф на кампањата на претседателот Доналд Трамп, тајно им плаќал да лобираат во корист на тогашната проруска украинска влада, се наоѓа и поранешен австриски канцелар.


Лешченко тврди дека во една книга видел записи за тајни исплати кои ги добивал австриски канцелар.
– Не се сеќавам на името, се сеќавам на функцијата, изјави Лешченко за светските медиуми.

Тој исто така тврди дека поранешниот австриски канцелар Алфред Гузенбауер лобирал во корист на Украина, кога Виктор Јанукович бил претседател на Украина.

– Тој (Гузенбауер) лобираше во корист на Јанукович, веднаш после изборите, вели Лешченко.
Јанукович беше избран за претседател на Украина во февруари 2010 година, а од земјата избега четири години подоцна во екот на масовни протести.

Гузенбауер во гостување на австриската државна телевизија ги демантираше овие наводи.
Според обвинението кое го поднесе специјалниот обвинител Роберт Мјулер, Манафорт на поранешни политичари, меѓу кои е и некогашен канцелар на една европска држава, во 2012 и 2013 година им платил вкупно повеќе од два милиони евра. Исто така, се терети дека основал организација под назив „Хабсбуршка група“ со цел лобирањето на поранешните политичари привидно да го претстави како независни анализи.

Според обвинението, со таа група управувал поранешен канцелар на една европска земја, чие име не е наведено.

Светските медиуми потсетуваат дека само три европски земји имаат канцелар – Австрија, Германија и Швајцарија.
Во меѓувреме, Рик Гејтс, кој беше вториот човек во предизборниот тим на Трамп, призна дека учествувал во завера против САД и дека ги лажел истражителите.

Мјулер ги истражува тврдењата за руско политичко мешање во САД, но нема наводи дека Гејтс или Манафорт биле во дослух со Русија за да влијаат на исходот од претседателските избори во 2016 година. Манафорт од претходно е обвинет по повеќе точки од обвинение за затајување данок и банкарски малверзации, а се соочува и со нови обвинувања за завера, перење пари, давање лажни искази, како и поради тоа што не се пријавил како агент на странски субјект.