Украински прволигаш остана без стадион: Русите го уништија „Јуриј Гагарин“

од Nikola Popovski
281 прегледи

Војната во Украина не престанува да влијае на сферата на спортот. Досега видовме бројни санкции за руските спортисти поради нападите на Русија во таа земја, а сега имаме можност да видиме некои далеку полоши работи.

Стадионот на фудбалскиот клуб Десна кој игра во Премиер лигата на Украина е целосно гранатиран и уништен, а неговата фотографија ја објави легендарниот хрватски фудбалер Даријо Срна.

Поранешниот капитен на Шахтјор Доњецк, сега спортски директор на истиот клуб, неодамна успеа да побегне од Украина по почетокот на војната во таа земја, но сепак будно ги следи воените случувања.

Така Срна на својот Инстаграм профил објави две фотографии од уништениот фудбалски стадион во Чернихов.

Станува збор за стадионот на украинскиот прволигаш Десна. Стадионот, кој некогаш беше именуван по Јуриј Гагарин (а многумина во Украина сè уште го нарекуваат така), имаше 5.500 седишта и можеше да прими и до 12.000 гледачи. Изграден е во 1936 година.

На него во неколку наврати настапи и женската репрезентација на Украина, но тој стадион сега е целосно уништен.

„Трет пат! Московските гадови ја нападнаа најопасната воена зграда во градот – стадионот на нашиот клуб. Фотографиите ги покажуваат последиците од ноќното бомбардирање. Ќе обновиме сè и ќе станеме посилни, а вие „пријателски соседи“ ќе живеете со ова до крајот на животот. Украинскиот народ е обединет, ова е нашата земја!“, објави ФК Десна на својот Инстаграм профил.

 

Слични содржини