Украински товарни бродови пловат низ Црното Море и покрај руските закани

од Stefanija Kuzmanovska
378 прегледи

Два товарни брода испловија од Украина и покрај руските закани и се наоѓаат во Црното Море, во водите под контрола на земјите-членки на НАТО, соопштија денеска украинските поморски власти.

Бродот „Ана-Тереза“ го напушти украинското пристаниште Јужни во петокот и сега е блиску до бугарските територијални води, изјави украинскиот министер за инфраструктура Олександар Кубраков.

Од истото пристаниште во петокот тргна уште еден брод. Тој брод денеска малку пред пладне пристигна во романското црноморско пристаниште Констанца, пренесува „Бета“.

Двата брода пловеа низ привремен коридор за цивилни бродови од украинските пристаништа на Црното Море до Босфорот, објави Кубраков на социјалната мрежа X, (поранешен Твитер). Коридорот минува долж западниот брег на Црното Море, избегнувајќи ги меѓународните води и наместо тоа ги користи оние што ги контролираат членките на НАТО, Романија и Бугарија.

Тие се третиот и четвртиот брод што го користат привремениот коридор што го воспостави украинската влада откако Русија го раскина договорот за извоз на жито, кој имаше за цел да обезбеди безбеден поморски транспорт на жито од Украина.

Слични содржини