Украина во моментов е земја со најмногу поставени мини во светот, а војниците на некои места ископуваат по пет мини на секој квадратен метар, изјави денеска украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников.
Според него, земјата има хроничен недостиг од деминери и опрема за деминирање и побара помош од Западот.
Резников за „Гардијан“ навел дека украинските сили можат да ги минат огромните мински полиња, но дека е клучно сојузниците да ја прошират и забрзаат обуката.
„Украина денеска е најминираната земја во светот. Имаме стотици километри мински полиња, со милиони експлозивни направи. Во некои делови од линијата на фронтот има и до пет мини на квадратен метар“, рече тој.
„Руските мински полиња се сериозна пречка за нашите војници, но не и непремостливи. Имаме квалификувани експерти и модерна опрема, но тие се премалку за фронтот што се протега на стотици километри на истокот и југот од Украина“, додаде Резников.
Некои од мините биле поставени од украинските сили за да ги заштитат сопствените одбранбени линии, но руската војска е одговорна за повеќето мински полиња.