Украинскиот парламент разгледува закон со кој ќе се намали старосната граница за мобилизација

од Stefanija Kuzmanovska
152 прегледи

Предлог-законот, кој доцна синоќа беше објавен на официјалната веб-страница на украинскиот парламент, предвидува намалување на старосната граница за мобилизација во армијата од 27 на 25 години, пренесува „Ројтерс“.

Во нацрт-законот детално се наведува кои украински граѓани би биле предмет на упис во воената регистрација на регрути и дека тоа ќе важи за оние „кои наполниле 25 години“.

Во образложението, потпишано од министерот за одбрана Рустем Умеров, се сумирани клучните одредби од предлог-законот, а меѓу нив е „промената на возраста за регрутирање од 27 на 25 години“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција на 19 декември рече дека армијата предложила да се мобилизираат уште 450.000-500.000 мажи, но дека тоа е „многу чувствително“ прашање, за кое армијата и владата ќе разговараат пред да одлучат дали да го испратат предлогот до парламентот.

Не се знае колку војници има на располагање

Зеленски, кој допрва треба јавно да го поддржи предлогот, тогаш рече дека сака да слушне повеќе аргументи за мобилизирање дополнителни војници.

„Ова е многу сериозна бројка“, рече Зеленски.

Не е познато колку војници има Украина во моментов на располагање, но претходно се зборуваше за милион луѓе под оружје.

Американските власти проценуваат дека стотици илјади војници се ранети или убиени од почетокот на руската инвазија.

Слични содржини