Украинскиот пратеник Гончаренко за „Локално“: Сакаме праведен мир и имаме свои црвени линии од кои нема да се повлечеме

Не можеме сега да одржуваме избори кога милион луѓе се во ровови, вели украинскиот пратеник Олексиј Гончаренко во краток разговор за „Локално“, по пресвртот во односите меѓу Украина и САД

од Nikola Popovski
123 прегледи

Додека долгогодишниот затегнат однос меѓу претседателот Доналд Трамп и неговиот украински колега Володимир Зеленски целосно се разоткри во средата, меѓу нивните сојузници останува прашањето – дали овој конфликт ќе ги уништи надежите за мир со посредство на САД или, можеби, некако ќе ги зајакне. Трамп објави лута порака на својата платформа на социјалните мрежи во која го нарече Зеленски „диктатор без избори“, обвинувајќи го дека ги принудил САД да потрошат стотици милијарди долари „на војна која не може да се добие“. Тоа предизвика низа провокации, кои Трамп дополнително ги засили за време на говорот во средата вечер во Мајами, каде што изјави: „Зеленски подобро да побрза оти може да остане без држава“.

И двете обвинувања ги повторија наративите на Москва за војната и за украинскиот претседател, кој воведе воена состојба на почетокот на руската инвазија, спречувајќи одржување на закажани избори. Ова не беше изолиран напад. Трамп со години гледа на Зеленски со сомнеж, доведувајќи ги во прашање неговите одлуки и, во епизодата што стана позната за време на неговиот прв импичмент, вршејќи го притисокот да отвори истрага за неговиот тогашен политички ривал, Џо Бајден.

Трамп сега почна да ги поврзува своите критики за Бајден и Зеленски, сугерирајќи во средата вечерта дека украинскиот претседател „цицал американска помош“ за време на администрацијата на Бајден. „Да имавте администрација на Бајден уште една година“, рече Трамп, „ќе бевте во Трета светска војна, но, сега тоа нема да се случи“.

Во последно време, помошниците на Трамп внимателно ги следеа јавните изјави на Зеленски, особено неговите критики за исклучувањето на Украина од разговорите меѓу американските и руските претставници во Саудиска Арабија оваа недела. Следствено на тоа, нè интересира каков е ставот на украинската јавност, пред се на функционерите кои се дел од тамошната политичка сцена. Токму затоа „Локално“ кратко поразговара со краинскиот пратеник и политичар Олексеј Гончаренко во пресрет на годишнината од почетокот на инвазијата на Руската федерација врз украинско тло.

Според него, генерално, како што сите можеме да видиме, Трамп и неговиот тим си поставија за цел да ја завршат војната оваа година по секоја цена.

-Тие постојано го кажуваа ова, а ние, Украинците, го сакаме тоа повеќе од кој било друг. Нашиот народ секојдневно умира бранејќи ја својата земја, а ние сме уморни. Сепак, сакаме праведен мир и имаме свои црвени линии од кои нема да се повлечеме, дециден е Гончаренко.

Како што тврди, Европа може да помогне во ситуацијата.

-Тоа е сигурно. Исто како што помагаа во последните три години. Но, да бидеме искрени. Без САД, ситуацијата ќе биде исклучително тешка. Европа дефинитивно ќе го зголеми производството на сопствено оружје и ќе обучува своја армија сама без помош од САД. Ќе се обедини. Третата светска војна ни дише во врат и сите го разбираат тоа, истакнува украинскиот пратеник.

Во однос на изборите и легитимитетот на Зеленски, Гончаренко објаснува дека тоа се две посебни прашања.

-Според законите на Украина, Зеленски се уште е легитимен претседател. Што се однесува до изборите, ситуацијата е посложена. Сега не можат правно и физички да се одржат. За да се овозможи ова, мора да се укине воената состојба. Тоа значи постигнување договор во преговорите. Ова е единствениот начин, според украинските закони, да се одржат избори. Не можеме сега да одржуваме избори кога милион луѓе се во ровови, потенцира соговорникот од Украина во своите одговори за нашата редакција.

Украина е подготвена да работи брзо за да постигне силен договор за инвестиции и безбедност со САД-изјави Зеленски по средбата со американскиот пратеник Келог оценувајќи ја како надеж за успех. Истакна дека за секои два долари инвестирани во долгорочните капацитети на Украина, Русија има загуби од речиси десет долари. Русија мора да ја почувствува цената на војната за вистински да бара мир – додаде Зеленски.

„Потребни ни се силни договори кои ќе функционираат. Дадов инструкции да се работи брзо и на еднаков начин. Важни се деталите. Разговаравме за линиите на фронтот, потребата да се ослободат сите наши затвореници во Русија и важноста на сигурен и јасен систем на безбедносни гаранции за да се осигура дека војната нема да се врати и дека Русите нема да продолжат да уништуваат животи. Мирот е неопходен за сите во светот“, изјави Зеленски.

Планираната прес-конференција на Зеленски и Келог беше откажана на барање на САД, поради продлабочените политичките тензии меѓу Вашингтон и Киев за тоа како да се стави крај на речиси тригодишната војна со Русија. Од Белата куќа велат дека Трамп „очигледно е многу фрустриран“ од Зеленски.

Во Украина, на линијата на фронтот будно се следат вестите кои доаѓаат од Вашингтон и од Ријад за мировните преговори. Светот е во очекување на средбата Трамп-Путин најверојатно кон крајот на месецов. Кремљ меѓу редови зборува за подготовките. „Потребата од состанок е присутна. Мораме да се подготвиме за поголема ефикасност. На подготовките ќе разговараме за нијансите, за незбележителните разлики“, изјави Дмитри Песков, секретар за медиуми на рускиот претседател.

Во интервју на мрежата „Икс“, државниот секретар na САД, Марко Рубио порача-без напредок во преговорите за Украина, нема состанок Трамп-Путин. На конференцијата на Конзервативната политичка акција потпретседателот Венс со став, Европа е на чекор од мирот.

Настаните се одвиваат со молскавична брзина. И Макрон, најверојатно в понеделник во Белата куќа. „Ќе му кажам отворено, не можеш да потклекнеш пред Путин. Не тоа што си, не е твој бренд, не ти е во интерес. Како можеш да бидеш силен со Кина, ако си слаб спрема Путин“, изјави Емануел Макрон-претседател на Франција.

И британскиот премиер Стармер в четврток е кај Трамп. Во средиштето на изборите во Германија закажани за в недела, Украина е централната тема. Европа не располага со заеднички борбени формации.

Н.П.

Слични содржини