„Ние ја сметаме Македонија за наш пријател. Знаете, неодамна имавме онлајн состаноци помеѓу комисиите за надворешни работи на нашиот парламент, Врховна рада, и на македонскиот парламент. И знаете, за мене, тоа беше многу пријателски. Имавме многу пријателска атмосфера, многу топла атмосфера, бидејќи знам дека луѓето во Македонија разбираат што се случува, а имаме и слични искуства“ изјави Олександр Мережко, пратеник во Врховна Рада на Украина во интервју за „Цивил медиа“.
Тој додаде дека Македонија како земја, владата и народот ја поддржуваат Украина за што тие се благодарни и го ценат секој гест на поддршка и помош што се дава.
„Јас сум благодарен и Украинците се благодарни за вашата воена и техничка поддршка. Разбирам дека секоја земја има свои можности, свои можности во однос на обезбедување помош. Некои земји имаат повеќе можности, некои помалку. Но, тоа што ние го цениме е што се обидувате да ни помогнете“ рече Мережко.
Украинскиот пратеник рече дека Македонија на решителен начин ја поддржува Украина и на меѓународната сцена, политички и дипломатски.
„Вие гласавте за резолуцијата за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Генералното собрание на ОН. Учествувате во санкциите против државата агресор. Учествувате во Кримската платформа, што е исто така важно за нас, бидејќи руската агресија започна во Крим и треба да заврши во Крим. Затоа е толку важно. Така што, јас гледам многу топло однесување на вашиот народ кон Украина и можам да ве уверам дека тоа високо го цениме“ рече Мережко во интервју за „Цивил медиа“.