Руските сили денеска изведоа најмалку 60 ракетни напади ширум Украина, а експлозии одекнаа во најмалку четири града, соопштија украинските власти.
Најмалку две лица загинаа кога беше погодена станбена зграда во централна Украина, додека двата најголеми града Киев и Харков останаа без струја и вода.
Локалните власти и социјалните мрежи објавија дека експлозии се слушнале во главниот град Киев, во јужниот град Кривји Рих, југоисточен Запорожје и североисточен Харков.
Воздушна тревога се огласи низ целата земја, предупредувајќи за уште еден разурнувачки налет на руски напади, како оние што се изведуваат наизменично од средината на октомври.
Портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Инхат изјави дека биле истрелани повеќе од 60 проектили, но не даде информации колку проектили успеала да пресретне украинската војска.
Ихнат рече дека руските сили истрелале крстосувачки ракети од позиции во Црното Море и користеле авиони бомбардери за „масовно да го одвлечат вниманието на противвоздушната одбрана, држејќи ги во неизвесност“.
Министерството за надворешни работи на Русија вчера предупреди дека доколку САД испорачаат системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ на Украина, таквите системи и сите екипажи што ги придружуваат исто така ќе бидат легитимна цел на руската војска.
Нападите насочени кон енергетската инфраструктура се дел од новата руска стратегија по неколку клучни загуби на руските сили на бојното поле во последните месеци.