Жестоки борби со руските сили се водат за центарот на Бахмут, во источна Украина, изјави денеска командантот на украинските копнени сили, а оваа информација ја потврди и руската страна.
Русите „напаѓаат од неколку правци“ за да „напредат кон централните области“, изјави Олександр Сирски, пренесе прес-службата на украинската армија.
Шефот на руската паравоена група Вагнер, Евгениј Пригожин, исто така изјави дека се водат силни борби за центарот.
„Колку сме поблиску до центарот на градот, толку посилни се борбите“, рече Пригожин.
Русите во последните недели се обидуваат да го опколат тој град и успеаја да пресечат неколку важни патишта за снабдување на украинските војници.
Иако набљудувачите се сомневаат во стратешката важност на Бахмут, самата борба, најдолга за еден град од почетокот на руската офанзива пред повеќе од една година, има симболично значење и за Киев и за Москва, која сака да забележи победа по неколку порази.