Клучен политички сојузник на Владимир Путин „посвоил“ дете киднапирано од украинско сиропиталиште, покажуваат документите откриени од истражувачката емисија Панорама на Би-Би-Си. Сергеј Миронов, 70-годишниот лидер на руска политичка партија, се наоѓа во записникот за посвојување на двегодишно девојче во 2022 година од жената со која сега е во брак.
Документите покажуваат дека идентитетот на девојчето бил променет во Русија, пишува Би-Би-Си. Детето, првично наречено Маргарита, е едно од 48-те кои исчезнаа од регионалното сиропиталиште во Херсон кога руските сили ја презедоа контролата врз градот.
Според украински извори, околу 20.000 деца биле земени од страна на руските сили од почетокот на инвазијата во 2022 година. На почетокот на оваа година, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на претседателот Владимир Путин и неговата комесарка за правата на децата, Марија Лвова-Белова, за наводна нелегална депортација на украински деца на територијата контролирана од Русија, со намера трајно да ги отстранат од сопствената земја.
Руската влада објави дека не ги депортира украинските деца, туку ги евакуира за да ги заштити од војната.
Би-Би-Си соработуваше со украинската истражувачка за човекови права Викторија Новикова за да открие што се случило со Маргарита и другите деца. Новикова подготвила досие со нови докази за Украинското државно обвинителство кое ќе го предаде на МКС.
Таа била најмладата жителка на домот за деца
Мистеријата околу Маргарита започнала кога жена во виолетов фустан се појавила во детската болница во Херсон, каде што 10-месечното дете се лекувало од напад на бронхитис во август 2022 година. Маргарита била најмладиот жител на локалниот дом за деца кој се грижеше за деца кои имале здравствени проблеми, чии родители го изгубиле старателството или починале.
Мајката на Маргарита се откажала од старателството набргу по нејзиното раѓање, а не се знаело каде се наоѓа нејзиниот татко.
Докторката Наталија Љутикова, која раководела со лекувањето на новороденчињата во болницата, вели дека Маргарита била насмеано бебе кое сакало да се гушка со луѓе.
Жената во виолетово се претставила како „шеф за детски работи од Москва“, се присетила др. Љутикова.
Херсон сега е повторно под украинска контрола, но тогаш беше во шестиот месец од руската окупација.
Која е жената во виолетовo?
Првата задача беше да се идентификува мистериозната жена во виолетова боја која ја посетила Маргарита во болницата минатиот август.
Викторија открила руски документ со кој се дозволува трансферот на Маргарита во болница во Москва на медицински тестови. Името на жената е наведено на документот: Ина Варламова. Пребарувањето на социјалните мрежи потврди дека таа е мистериозната жена во виолетова боја.
Тогаш Би-Би-Си ѝ покажал фотографија од Ина Варламова на докторката Љутикова и таа ја идентификуваше како жената што ја посетила Маргарита во детското одделение. По дополнително истражување, откриено е дека Варламова работи во рускиот парламент, иако не е јасно во кое својство, и дека поседува недвижен имот во Подолск, во близина на Москва.
Дел од мистеријата е решена. Но прашањата останаа.
„На Маргарита не ѝ требаше посебен преглед“, вели д-р Љутикова, зборувајќи за ноќта кога е однесено детето: „Зошто мораше да се носи мало дете толку далеку?“.
Клучно откритие
Потоа уследило клучното откритие. Во матичната книга на родените постои 14-месечно девојче по име Марина, запишано во декември минатата година. Родителите на детето се Ина Варламова и Сергеј Миронов. Регистрацијата била неправилна, не ја покажувала оригиналната евиденција за раѓањето на детето.
„Роденденот на Марина е наведен како 31 септември 2021 година – истиот ден кога се родила Маргарита. Кога видов дека роденденот на Марина е ист како на Маргарита, сфатив дека ја најдовме“, вели Новикова.
Преку анонимни руски извори, Би-Би-Си дојде до досието за посвојување на Маргарита. Маргарита Прокопенко била преименувана во Марина Миронова, по нејзиниот посвоител Сергеј Миронов. Местото на нејзиното раѓање е наведено како Подолск.
Руската влада соопшти дека нема сознанија за случајот на Маргарита и дека не може да коментира.