Улица од 22 милиони денари што ја отворија Јанчев и Мицковски се распаѓа по само 2 години – опасност за граѓаните, а никој не одговара!

од Марта Пешевска
63 прегледи

Улица во Кавадарци, за чија изградба Општината вложи 22 милиони денари, веќе покажува сериозни оштетувања само две години по нејзиното пуштање во употреба. Иако првично беше најавена како модерен инфраструктурен проект кој вклучуваше поставување на фекална и атмосферска канализација, водоводна мрежа и потпорни ѕидови, денес состојбата на теренот буди сериозна загриженост кај локалното население.

Според жителите, асфалтот на улицата се лизга, а потпорните зидови веќе покажуваат знаци на попуштање. Стравуваат дека, ако наскоро не се преземат мерки, може да дојде до нивно уривање, што би претставувало опасност за безбедноста на сите кои се движат по улицата. Изградбата на улицата беше предмет на увид од страна на градоначалникот Митко Јанчев и премиерот Христијан Мицковски во мај 2023 година, а проектот официјално беше пуштен во употреба во декември истата година.

Меѓутоа, само две години подоцна, улицата веќе пропаѓа. И покрај алармантната состојба, надлежните засега молчат. Жителите апелираат до Општина Кавадарци и до инвеститорите да излезат на терен и да ја испитаат ситуацијата, пред да дојде до несакани последици.