Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, денеска изјави дека Унгарија, Австрија и Србија се договориле да ги здружат силите и дополнително да ја зајакнат границата меѓу Србија и Северна Македонија, како во однос на персоналот, така и на опремата.
На крајот од трилатералната средба на Австрија, Унгарија и Србија за миграцијата, Сијарто истакнал дека трите земји не ги бранат само своите граници, туку и ЕУ.
„Наш заеднички интерес е да ја преместиме таа одбранбена линија на југ и затоа се согласивме да ги обединиме нашите сили и да обезбедиме уште подобро и посериозно зајакнување на границата меѓу Србија и Северна Македонија, и во однос на работна сила и опрема“, рече Сијарто.
Тој нагласил дека Унгарија е подготвена да учествува во тие заеднички напори за одбрана на јужната граница на Србија, без разлика дали станува збор за персонал, технологија или опрема, со цел да се обезбеди најдобра можна заштита на границата на Србија и Северна Македонија.
„Австријците ни помагаат нас и Србија, ние ѝ помагаме на Србија“, рече Сијарто и додал дека досега имало само неколку десетици граничари кои учествувале во таа соработка, додека денес се гледа дека таа соработка мора да добие сосема друга димензија.
„Мораме заеднички да формираме сили кои ќе бидат подготвени и способни да ја бранат српско-северномакедонската граница од илегалните мигранти“, рече шефот на унгарската дипломатија.