Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто потврдил дека владата на Виктор Орбан одбива да воведе санкции за политичарите од редот на босанските Срби, а членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ го поздравила ова и ја пофалила хрватската влада за нејзиниот идентичен став.
Цвијановиќ, кој е близок соработник на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, се сретна со Сијарто во Будимпешта во обид да ја зајакне позицијата на политичкото раководство на Република Српска соочена со остри осуди од Западот за загрозување на уставниот поредок на БиХ.
Шефот на унгарската дипломатија по средбата со Цвијановиќ изјавил дека унгарската влада останува на ставот дека санкциите што веќе ги воведоа САД, Велика Британија, Германија и Австрија кон Додик не се решение за кризата во Босна и Херцеговина.
Тој рекол дека Унгарија ќе продолжи да ја користи својата позиција во структурите на Европската унија за да го блокира секој обид за воведување санкции на Додик и на тоа ниво.
„Тоа е прогон од политичка природа и сметаме дека е опасен“, кажал Сијарто со порака дека Брисел треба да разговара со сите политичари од Западен Балкан, вклучително и со Додик.
Пред новинарите во Будимпешта, Цвијановиќ ги повторила тврдењата на политичарите од РС дека актуелната криза во Босна и Херцеговина е предизвикана исклучиво од висок претставник на меѓународната заедница и изрази благодарност до унгарската влада за поддршката и одбивањето да воведе санкции.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на почетокот на неделата во Мостар изјави дека Хрватска нема да воведува санкции за Додик.