Унгарија го предупреди Брисел: ЕК не може да бира институции и земји-членки со кои сака да соработува

од Nikola Popovski
724 прегледи

Унгарија денеска ја предупреди Европската комисија (ЕК) дека не може да ги избира институциите и земјите членки со кои сака да соработува, откако претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен одлучи да испрати повеќе службеници на состаноците во Унгарија наместо комесари.

„ЕУ е меѓународна организација составена од нејзини земји-членки, а Комисијата е институција на ЕУ. Таа не може да избира институции и земји-членки со кои сака да соработува“, објави унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока на платформата „Х“ .

Бока праша дали сите одлуки на ЕК сега се засноваат на политички причини.

Претходно вчера, главниот портпарол на ЕУ, Ерик Мамер, изјави дека нема да има традиционална посета на Колеџот на еврокомесари на претседавачот со Унијата, Унгарија.

Во објава на платформата Х, Мамер наведе дека ЕК ќе испраќа само високи претставници на неформалните состаноци на кои домаќин ќе биде Унгарија како претседавач со Советот на ЕУ.

„Со оглед на неодамнешните настани кои го означија почетокот на унгарското претседателство, претседателот одлучи Европската комисија да биде претставена на ниво на високи државни службеници само за време на неформалните состаноци на Советот. Нема да има посети на Колеџот на еврокомесари во претседателството на ЕУ“, напиша Мамер.

Мамер им рече на новинарите дека одлуката не е временски ограничена.

Посетата требаше да биде организирана наесен.

Овој потег доаѓа откако унгарскиот премиер Виктор Орбан, како дел од неговата мировна мисија, се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, рускиот претседател Владимир Путин во Москва, кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг, а четвртата фаза беше неговото учество во НАТО Самитот во Вашингтон, кој се одржа од 9 до 11 јули.

Петтата станица на мировната мисија на Орбан беше средбата со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп минатата недела во резиденцијата на Трамп на Флорида.

Мировната мисија на Орбан наиде на критики од ЕУ, а официјални лица во Брисел соопштија дека тој не ја претставувал Унијата на тие состаноци.

Слични содржини