Унгарија ја прошири забраната за украинските производи: Без месо, масло, брашно

од Stefanija Kuzmanovska
210 прегледи

Унгарија, која веќе најави забрана за увоз на украински житарки поради дестабилизација на националниот пазар, од денеска забранува и увоз на десетици земјоделски производи од таа земја.

Според уредбата објавена вечерва во Службен весник, во Унгарија повеќе не може да се продаваат житарки и маслодајни семиња, брашно, мед, вино, леб, месо и зеленчук од Украина. Ограничувањата се на сила до 30 јуни.

Владата на премиерот Виктор Орбан во саботата одлучи да го забрани увозот на жито, по примерот на Полска, за да ги заштити земјоделците.

Европската унија ја оцени одлуката како „неприфатлива“.

Слична мерка презеде и Словачка, а денеска се очекува Бугарија да објави ваква мерка.

Во мај 2022 година, Европската унија ги укина тарифите за сите производи увезени од Украина за една година и договори да дозволи извоз на залихите на жито по затворањето на морските патишта преку Црното Море поради руската инвазија.

Меѓутоа, наместо да бидат транзитни земји, пченката, пченицата и сончогледот од Украина се акумулираа во соседните европски земји поради логистички проблеми, што предизвика пад на локалните цени.

„Всушност, голем дел од тие производи не стигнуваат до трети земји, туку се продаваат по пониски тарифи во рамките на ЕУ“, се наведува во унгарскиот декрет, додавајќи дека оваа конкурентска предност предизвикува сериозни нарушувања на внатрешниот пазар на земјата.

Унгарија продолжува да дозволува транзит на украинско жито, но ќе бидат воведени многу строги процедури на граничните премини за да се обезбеди електронско следење додека минуваат низ унгарска територија.

Во случај на прекршок, може да се изречат парични казни кои би можеле да ја достигнат вредноста на целата испорака.

Полска првично го забрани влезот на жито и земјоделски производи од Украина, но вчера постигна договор со таа земја да се обнови транзитот на тие производи.

Слични содржини