Унгарија ќе ѝ помогне на Македонија со три противпожарни возила

од Nikola Popovski
65 прегледи

Унгарија ќе ѝ помогне на Македонија со три противпожарни возила за справување со пожарите. Ова денеска го обелодени портпаролот на тамошната влада, Золтан Ковач.

Помошта била договорена при телефонскиот разговор на унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто со неговиот македонски колега, Тимчо Муцунски.

-Унгарија ќе обезбеди три теренски противпожарни возила за Северна Македонија за да помогне во борбата против шумските пожари, најави шефот на дипломатијата Петер Сијарто по телефонскиот разговор со неговиот северномакедонски колега.

„Со летните горештини, за жал сме навикнати да слушаме за огромни шумски пожари, дури и во нашето пошироко соседство. За жал, нашите северномакедонски пријатели сега се соочуваат со екстремни предизвици со овие пожари. Како пријатели, ние мораме да помогнеме“, рекол Сијарто. Тој потврди дека Унгарија ќе испрати три противпожарни возила способни да гаснат пожари од непосредна близина.

Министерот изрази надеж дека оваа помош ќе ѝ помогне на Северна Македонија брзо да ги контролира шумските пожари. Тој, исто така, им се заблагодари на Министерството за внатрешни работи и министерот Шандор Пинтер за нивната брза реакција, стои во објавата на „Х“ на Ковач.

Претходно премиерот Христијан Мицкоски информира дека во текот на денот, помош пристига од Чешка, Унгарија, Србија, Словенија и Германија.

„Република Чешка одговори со еден хеликоптер кој што треба денеска да пристигне, соседна Србија со уште еден хеликоптер, Унгарија испраќа во текот на утрешниот ден четири теренци кој што се многу потребни за оние предели, кој што се непристапни и тешко се пристапува дури и од воздух, кој што се себе носат еден кубик вода и кој што можат многу брзо да превенираат, да не се прошири овој пожар. Истовремено, Словенија позитивно одговори, Германија, два авиона, и тоа е капацитетот кој што ние во моментот можеме да го прифатиме и состојбата можам да кажам дека целосно или делумно е или ќе биде ставена под контрола“, соопшти премиерот.

Слични содржини