„Унгарија ќе доживее Армагедон“: Орбан тврди дека Брисел жестоко го уценува поради Украина

од Nikola Popovski
372 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска порача дека Брисел жестоко го уценува да не ја блокира финансиската помош на Европската унија за Украина во износ од 50 милијарди евра.

Минатиот викенд медиумите објавија документ на неименуван функционер на Советот на ЕУ, во кој се наведени мерките што треба да ја погодат унгарската економија, доколку Орбан повторно стави вето на одлуката да и помогне на Украина.

Во интервју за францускиот неделник „Ле Поинт“, Орбан рекол дека планот наликува на „прирачник за уцена“, кој ќе ја стави Унгарија во „огромна финансиска блокада“, пренесува Политико.

„Тогаш Унгарија ќе го доживее Армагедон“, рекол тој.

Орбан нагласил дека „нема сомневање“ дека документот, објавен од Фајненшл тајмс, е автентичен.

„Познавајќи го Брисел, знам дека тие се способни за тоа“, кажал унгарскиот премиер.

Орбан досега ја блокираше одлуката за Украина и понуди да ги подели одобрените средства на годишни транши, што ќе ѝ даде можност на Будимпешта секоја година да бара отстапки за да избегне вето.

Тактиката на Орбан долго време ги нервира европските лидери, а се навестуваше дека може дури и да се размислува за одлука за повлекување на правото на глас на Унгарија во ЕУ, но унгарскиот премиер вели дека и покрај се, не се откажува.

„Ништо не се промени во позицијата на Унгарија на оваа тема. Унгарија како суверена држава се противи на оваа промена на буџетот. Се обидуваат да не убедат, притискаат и уценуваат да не принудат да им се придружиме. Многу е тешко да се остане сам во ова семејство“, изјавил Орбан.

Слични содржини