Новиот, 13-ти пакет антируски санкции ќе изгледа апсолутно несериозно бидејќи ќе биде само од демонстративен карактер, откако практично не остана руска организација, регион или личност која не е вклучена во списокот со санкции, рече министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
– Според мене, оваа иницијатива ја прави уште понесериозна и онака неуспешната политика на санкции, бидејќи очигледно сакаат да направат само нов и демонстративен пакет санкции. Мислам дека е време сите да видат дека политиката на санкции целосно пропадна и затоа би било паметно да не се срамоти ЕУ уште повеќе отколку што веќе го прави тоа – рече Сијарто пред унгарските новинари.
Тој додаде дека европските лидери треба да вложат неверојатни напори да најдат организации, области или лица во Русија кои веќе не се на еден од списоците со санкции на ЕУ.
Потсетуваме дека на самитот во Брисел, одржан во средината на декември, Унгарија стави вето на пакетот помош за Украина од 50 милијарди евра. Сепак, на вонредниот самит на ЕУ одржан на 1 февруари Унгарија „попушти“ и едногласно беше одобрена планираната помош за Киев.