Акош Хадхази брзо реагираше на веста дека, според зборовите на Александар Вучиќ, српските единици пронашле високоразорен експлозив и детонатори потребни за негово активирање во близина на гасната инфраструктура што ги поврзува Србија и Унгарија.
„Секако. Експлозиви на српскиот дел од рускиот гасовод… Орбан му помогна на Фицо со мигрантите, Вучиќ му помогна на Орбан со некаков смешен обид за напад. Можеле да го смислат ова, но не е можно руските другари да кренат нешто во воздух пред херојската унгарска оперетска војска. Ова е прилично провидно и патетично“, порача тој.
Според Хадхази, „смешниот обид за атентат“ има и позитивна страна, бидејќи, како што вели, Орбан исто така им верува на бројките на независните анкети.
„Но да не заборавиме дека пропагандата и понатаму функционира. И да не заборавиме дека во наредната недела од влада што се бори може да дојдат навистина груби потези“, изјави независниот пратеник.
Откако веста за поставениот експлозив излезе во јавност, повеќе унгарски истражувачки новинари укажаа на информации дека ваков инцидент се подготвува, на што упатувале разузнавачки податоци објавени во јавноста уште пред неколку недели.
Поконкретно, новинарите тврдат дека станува збор за „false flag“ операција, односно лажен инцидент за кој се обвинува противникот, иако вистинскиот организатор е некој друг.