УНИЦЕФ се обидува да ги спречи детските бракови во Македонија: Се венчаат и лица помлади од 15 години

од Nikola Popovski
167 прегледи

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани побара да се преземат мерки за спречување на детските бракови, кои се проблем особено за девојчињата.

„Детскиот брак ги лишува девојчињата од детството и има штетни ефекти врз нивното здравје и економските перспективи. Тие негативно влијаат на развојот, пристапот до училиште и нивниот севкупен квалитет на живот“, изјави Ди Џовани.

„Иако оваа штетна практика значително се намали во последната деценија, детските бракови сè уште се проблем за девојчињата во Северна Македонија. Осум проценти од сите девојки на возраст од 20 до 24 години се омажиле или живееле во заеднички живот пред да наполнат 18 години“, рече Ди Џовани по повод Меѓународниот ден на жената.

Таа истакна дека е уште позагрижувачки што 45 отсто од Ромките на возраст од 20 до 24 години во земјава биле во брак или во некаква предбрачна врска пред 18-годишна возраст, а 15 отсто од жените пред 15-годишна возраст.

Според Ди Џовани, девојчињата кои стапуваат во брак пред 18-годишна возраст имаат поголема веројатност да станат жртви на семејно насилство и имаат помала веројатност да се образуваат. Раниот брак е исто така поврзан со раното раѓање деца, со зголемен ризик од компликации од бременоста и породувањето.

Ди Џовани потсети дека Северна Македонија ја усвои Конвенцијата на ОН за правата на детето, како и двата факултативни протоколи и Конвенцијата за елиминација на сите форми на насилство врз жените каде што експлицитно се забранети детските бракови. Исто така, со Истанбулската конвенција за насилство врз жените и семејно насилство од државите се бара да ги криминализираат присилните и детските бракови.

Слични содржини