УНИЦЕФ: Стапката на детска сиромаштија денес е повисока отколку пред десет години

Во однос на социјалниот и емоционален развој, овие деца имаат поголема веројатност да развијат ниска самодоверба и проблеми со менталното здравје, велат од Канцеларијата на УНИЦЕФ за „Локално“

од Бисера Трајковска
8 прегледи

Децата се најранлива група во општеството, при што во нашата земја 30 проценти од нив живеат во сиромаштија, во споредба со 22 проценти од возрасните – стапка што е речиси за 50 проценти повисока, велат од Канцеларијата на УНИЦЕФ за „Локално“. 

Како што посочуваат, станува збор за загрижувачка бројка, особено ако се земе предвид дека стапката на детска сиромаштија денес е повисока отколку пред десет години, кога државите во светот се обврзаа преку Целите за одржлив развој да го преполоват процентот на население што живее под прагот на сиромаштија.

-Во однос на социјалниот и емоционален развој, овие деца имаат поголема веројатност да развијат ниска самодоверба и проблеми со менталното здравје поради секојдневниот товар на нивните тешки околности и стресот предизвикан од незадоволување на основните потреби, велат од Канцеларијата на УНИЦЕФ.

Сиромаштијата, потенцираат, исто така се пресекува со други предизвици – децата од малцински или маргинализирани заедници почесто живеат во сиромаштија и се соочуваат со дискриминација, што создава дополнителни пречки за излез од тој циклус.

Б.Т.