УНИЦЕФ Србија негира дека Дуа Липа е нивен амбасадор

од Stefanija Kuzmanovska
284 прегледи

Српскиот УНИЦЕФ денеска, по повод пораките на британската пејачка со потекло од Косово, Дуа Липа, која ги објави фотографиите од Голема Албанија на социјалните мрежи и се претстави себеси како амбасадор на УНИЦЕФ, соопшти дека таа не е амбасадор на таа агенција на ОН, како и дека не ги поддржува нејзините ставови, пренесе РТВ.

Пејачката Дуа Липа (24) објави фотографии од таканаречената „Голема Албанија“ на социјалните мрежи и се пожали затоа што „Епл“ го претставила Косово како составен дел на Србија во својата апликација „Епл мепс“.

Дуа Липа се претстави и како амбасадор на УНИЦЕФ, а на официјалниот профил на Инстаграм на српскиот УНИЦЕФ, оваа организација се огласи по повод објавата на пејачката.

“Драги пријатели, ви благодарам што укажавте на објавата на пејачката Дуа Липа. Би сакале да ве известиме дека Дуа Липа не е амбасадор на УНИЦЕФ и нејзините изјави не се изјави во име на УНИЦЕФ. Како и многу други, таа ја поддржа нашата работа за децата, за што сме благодарни. Ставовите што таа ги искажува се нејзини, а УНИЦЕФ не ги поддржува“, стои во соопштението објавено на Инстаграм.