Универзален приход наместо минимална плата

од Vladimir Zorba
925 прегледи

Што е слобода? За растечката маса на корона-скептици, правото на избор дали да се вакцинираш или да носиш маска е бенчмаркот за слободата во ерата на пандемијата. Одеднаш дефиницијата за фашизам стана спреченоста невакциниран да се влезе во кафана. На ова се надоврза и слободата на движење, која преку ноќ стана загрозена со појавата на Ковид сертификати, небаре децениски етаблираниот пасошки и визен режим се одликуваше со спектакуларна мобилност, која ете баш сертификатите ни ја украдоа.

Но, апсолутниот врв на парадоксите во однос на новите критериуми за слободата, е поимањето на економската слобода. Наспроти тешката рецесија и енормното зголемување на трошоците речиси никој од антифашистичките слободаши не смета дека е економски неслободен. Логиката е едноставна: ако имаме слободен пазар, тогаш невозможно е да немам слобода како поединец на тој пазар. Можеме мирно да спиеме, бидејќи слободниот пазар ја гарантира нашата лична слобода.

А сепак, не спиеме мирно. Мнозинството живее во константен страв за својата материјална иднина. На секој чекор се случува експлоатација, ниска и задоцнета плата, привремен или нерегулиран работен однос, прекаријат, отпуштање. За каква слобода зборуваме тогаш? Слободниот пазар ја овозможува слободата на капиталот, но за голем број луѓе кои од било каква причина не се во состојба да генерираат капитал, слободниот пазар буквално значи слобода да се умре. Во неолиберализмот, вредноста на секој човек ја одредува неговата способност да направи кеш.

Со цел намалување на оваа контрадикција помеѓу слободата на пазарот како столб на модерната “демократија”, и општиот страв кој го гази демосот, неодамна владата донесе мерка за зголемување за минималната плата на 18 илјади денари. Ова е чекор во вистинската насока, но само во смисла на развојот на општата свест за улогата на државата како социјална алатка и солидарноста како концепт.

Во реална економска смисла, зголемувањето во вакуум ќе има минимален ефект, затоа што сите други недопрени правила на слободниот пазар ќе се обединат да го компензираат новиот минималец. Од неускладеност меѓу останатите плати, преку прекувремена или хонорарна работа, до раст на невработеноста – сите овие фактори ќе го продолжат кошмарот на сиромаштијата и покрај покачувањето.

Постои мерка која начелно е прилично слична на минималната плата, но ја редефинира од корен економската, а со тоа, уште поважно, и културната динамика на едно општество. И сето тоа без револуции, преврати и крвопролевања. Таа мерка се вика универзален приход, и подразбира дека секој граѓанин, од моментот на полнолетство, до крајот на неговиот живот директно од државата без никакви услови добива фиксна месечна сума. Таа сума не само што би овозможувала основна егзистенција, туку и можност за себепронаоѓање и исполнување и одредување на сопствената вредност надвор од нормите на продуктивност.

За неимагинативните статус кво конформисти, универзален приход е утопија. За опонентите на социјалната држава и фундаменталистите на протестантската етика, УП е награда за џаболебарење. И едните и другите грешат. Постои долга листа на држави кои постепено ја воведуваат оваа мерка, и низа економски аргументи во прилог на тоа воведување.

Најпрвин, за разлика од минималната плата, УП ги покрива и невработените, заменувајќи ги комплексните механизми за социјална помош со ефикасен и дебирократизиран систем на директна финансиска поддршка. УП дава еднаква стартна позиција, која не е нула, туку над прагот на сиромаштијата, обезбедувајќи можност (и време) за професионална надградба (или реориентација) за секој поединец, и следствено акумулација на човечки капитал и вештини за работа од која ќе црпи и поголема плата, и повеќе задоволство.

Ова е поврзано со колективната гледна точка, каде УП става крај на тенденцијата на работодавците да уценуваат по принципот “ако ти не прифаќаш толку ниска плата, има друг – поочаен – што ќе прифати”. Со ваков систем, работниците конечно имаат моќ да кажат “не”, а работодавците инсентив да ги подобрат условите за работа. Во меѓувреме потрошувачката е стабилна и покрај тоа што невработеноста не е фактор, затоа што сите имаат куповни средства. Сите добиваат.

Меѓутоа главниот аргумент за воведување на универзален приход не е економски, туку морален. Во свет во кој жените трпат домашно насилство бидејќи се зависни од приходот на сопругот, УП значи слобода. Во свет во кој сме принудени да работиме она што Дејвид Грејбер го нарекуваше “булшит професии” – административни функции, финансиски услуги, и слични кои не придонесуваат за ништо во реалноста (освен што создаваат други булшит професии од типот на “шетач на кучиња”, затоа што едноставно се нема време за други активности освен работа), сега можеме да се посветиме на потрагата за сопствената среќа.

Придонесот кон општеството би бил многу поголем на овој начин, отколку преку опсесивната работна етика за “чесна заработка на лебот”, која е архаизам во услови на суфицит на работници за секоја позиција и општоприфатено сознание дека оптималната работна недела би требало да биде многу пократка. Тогаш ќе ги нема повеќе Рациновите “аргатски маки големи”, туку лична автономија, достоинство и фокус на физичкото и ментално здравје, децата и животната средина. Ова е суштинскиот морален аргумент на слободата: животот да не биде предмет на доминација од страна на арбитрарна моќ, туку да се има вистински избор.

Сето ова бара фундаментална верба во инхерентната доблест на секое човечко битие и неговиот потенцијал да има визија и цели за себе и околината. Алтернативната перспектива, и воедно најголемата бариера за воведувањето на УП, е мизантропскиот светоглед кој претпоставува дека луѓето се мрзливи, и дека ако им дадеш пари нема да работат ништо. Оваа претпоставка е побиена од сите досегашни експерименти и научни студии. Луѓето остануваат на пазарот и покрај приходот.

Времето е дојдено за имплементација на универзалниот приход на државно ниво. Ефектот кој ова ќе го има на општеството, преку промената на начинот на кој размислуваме за животот и светот, ќе биде несогледлив. Ова важи особено за нашето општество, кое почнува да пука по шавови од хиперконзумеризмот, нееманципираноста и отуѓеноста на луѓето, како директна последица на неуспехот на брзопрофитерскиот неолиберален модел. УП е веројатно последната шанса да го спасиме тоа општество, и конечно, навистина да бидеме слободни.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини