Универзална може да падне – се уште немаме договор за примопредавање, предупреди Костадиновска Стојчевска

од Nikola Popovski
216 прегледи

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот брифинг со новинарите информираше дека Универзална сала се уште е под Град Скопје, затоа што немаат потпишано договор за примопредавање ниту на ингеренциите за реконструкција, ниту на проектната документација. Како што рече, истата е во опасност дека може да падне со оглед на тоа што долго време е отворена.

-Во јуни годинава добив две известувања од ИЗИС дека Универзална сала веќе е во опасност дека може да падне. Многу долго е отворена, а следува време на зима, на дождови, на ветрови и на снегови и мора да се затвори. Затоа, јас неколку пати се јавував, апелирав и на последната прес-конференција, градоначалничката Арсовска рече дека службите го подготвуваат процесот. Но, Универзална сала уште е на Град Скопје. Тоа е децентрализирана установа на Градот, рече Костадиновска-Стојчевска на брифингот.

Како што истакна, постои само една одлука на Совет која што ја изгласаа советниците и толку.

-Отогаш, со службите во Град Скопје се обидувавме да комуницираме, но немавме никаков одговор. Пред два дена правниот сектор во Министерството за култура направи договор за примопредавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала и го прати до Градот. И денеска добивме одговор дека утре ќе имаме состанок со нивниот сектор и се надевам дека ќе има некое поместување, рече министерката.

На 20 јули годинава, со 26 гласа „за“, Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура.

Иницијативата за времено предавање на ингеренциите на Министерството за култура е доставена до градоначалничката Данела Арсовска, која Советот ја задолжи заедно со службите во рок од седум дена да изготви и предлог-одлука за префрлање на ингеренциите околу обновата на салата. Во заклучокот од Советот се наведува и дека се задолжува градоначалникот на Град Скопје да подготви договор за промена на инвеститорот на Универзална сала од Град Скопје во Министерство за култура.

Слични содржини