Универзитетско студентско собрание: За некои студенти, поевтино е да летаат до Италија отколку да патуваат до Струмица со повратна карта

од Даниел Ѓорѓиевски
23 прегледи

Студентите од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) изразија загриженост поради високите цени на меѓуградскиот автобуски превоз и побараа итно намалување на тарифите за средношколци и студенти низ целата држава. Тие исто така апелираат за подобрување на редовноста на автобуските линии, а како дополнителен предлог, бараат бесплатен градски превоз за студентите од првиот и вториот циклус во универзитетските градови, вклучувајќи ги Битола, Тетово, Штип, Прилеп и Охрид.

„Цените на нафтата значително се промениле по пандемијата, но цените на превозот останале исти, што е крајно нелогично. За некои, е поевтино да леташ до Италија отколку да патуваш до Струмица со повратна карта,“ изјави Стефанија Милеска, претседателка на Комисијата за студентски стандард при УСС – УКИМ.

Според анализата на Универзитетското собрание, студентите од помалите градови како Македонска Каменица, Делчево, Демир Хисар и Крушево се соочуваат со недостиг на редовен меѓуградски превоз, што ги принудува да користат алтернативни и често поскапи опции за патување до факултет.

„Во некои градови не постојат повратни карти, што е крајно апсурдно – билетите за Венеција, Германија или Виена често се поевтини од превозот во земјава. Затоа апелираме за воведување на повратни билети, ако не може да се обезбедат попусти,“ додаде Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание.

Студентите најавија дека ќе поднесат официјално барање до сите превозници кои не нудат повратни билети, со молба да го сторат тоа и да овозможат студентски попусти. Тие потсетуваат дека ова прашање е дел од Националната стратегија за млади за периодот 2023-2027, и е во надлежност на Министерството за транспорт и врски, кое требаше да ја имплементира мерката уште во мај 2024 година.

Слични содржини