Уписот на првачињата ќе може да се направи и по електронски пат

од Берта Китинска
289 прегледи

Од оваа година, уписот на ученици во прво одделение ќе може да се врши и по електронски пат преку веб – порталот www.uslugi.gov.mk. Инспирирани од фактот што општина Карпош, минатата година беше првата локална самоуправа која иницираше електронски упис на првачиња и онлајн настава, градоначалникот Стефан Богоев и министерката за образование и наука Мила Царовска, од основното училиште „Вера Циривири Трена“, во Карпош 2 ја промовираа новата услуга.

Со дигитализацијата на оваа услуга, се избегнуваат стандардните гужви во училиштата карактеристични за овој период од учебната година. Фактички, родителот и ученикот сега ќе доаѓааат во училиште само за да се спроведе интервјуто за упис.

Градоначалникот Богоев на денешниот јавен настан говореше и за сите други активности кои општина Карпош ги спроведува за квалитетен образовен процес и во ек на пандемија:

Ова е втора година на сериозни предизвици во образованието. На почетокот на учебната година, основна цел ни беше да обезбедиме ИТ опрема за училиштата, за да може непречено да се одвива онлајн наставата. И успеавме во ова. Продолживме со поддршка околу спроведување на протоколите, обезбедување на средства за дезинфекција, како и продолжен престој за учениците со физичко присуство, истакна градоначалникот.

Тој нагласи дека не прекинуваат и инфраструктурните зафати во образовните установи, раззеленувањето на училишните дворови, како и опремувањето на сензорните соби за учениците со попреченост.

Министерката Царовска напомена дека Карпош на некој начин е „пред времето“, затоа што многу порано пред другите институции започна со дигитализацијата. Исто така, таа истакна задоволство од големиот број на еко – училница во оваа општина. Станува збор за зони на отворено, направени од еко – материјали, каде што може да се спроведува и настава.

На настанот зборуваше и Кристина Николовска, просветен работник од ООУ „Вера Циривири – Трена“. Таа даде поддршка на дигитализацијата на образовните услуги и посочи дека КОВИД – 19 пандемијата придонесе некои работи да се одвиваат побрзо.

Новата електронска услуга е овозможена со поддршка на Центарот за управување со промени и амбасадата на Велика Британија во Скопје. Извршната директорка на ЦУП, Неда Малеска – Сачмароска и заменик амбасадорот Richard Mallion говореа за придобивките од дигитализацијата и од потребата за паметно користење на технологијата.

Слични содржини