УПОЗ: 988 вработени во инспекторатите се уште не добиле плата за декември

од Nikola Popovski
187 прегледи

Синдикатот на УПОЗ утрово повторно ја корегираше Владата дека во неколку министерствоа и државни институции има протест на вработените, а не штрајк. Според Трпе Деаноски, штрајк значи неизвршување на работни задачи, а доколку вработените во ДЗС не извршат само една работна задача од својот делокруг, ќе се доведе до прашање работата на многу институции, а последиците ќе ги трпат граѓаните.

Протестите траат половина час, за да граѓаните и приватниот сектор, како што вели Деаноски, не трпат никакви последици.

-Во моментов 988 вработени се уште немаат добиено плата за месец декември. Се работи за вработените во сите инспекторати во државата. Министерството за финансии остави без плата 988 вработени во најдолгиот месец од годината. Вчера истече и законскиот рок за исплата на плата и се уште нема информација кога вработените во инспекторатите ќе ги добијат своите плати, кажа Деаноски на денешниот протест.

Првиот човек на Синдикатот на УПОЗ ѝ порача на Владата „наместо да пишува соопштенија и да негира се што е кажано, а не е точно, треба да посвети енергија и да најде начин да го реши проблемот“. Според него, „ако Владата сакаше дијалог, досега ќе бевме седнати на маса, а немаше да бидеме на улица“.

Деаноски најави дека протестите на дел од јавната администрација ќе продолжат и утре кога ќе се соберат пред зградата на Министерството за финансии.

Слични содржини