Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски денеска информира дека УПОЗ е дел од ССМ како грански синдикат и дека се наоѓааат во иста ситуација како Синдикатот – бараат репрезентативност, но, не можат да ја добијат. Тој на прашање на „Локално“ дали ја признава репрезентативноста на ССМ и дали доколку оттаму одлучат да има протести, би излегле на улиците за поголема минимална плата, одговори дека во петок има закажано седница на Комисијата за репрезентативност.
-Јас можам да кажам дека исто така во петок има седница на претседателството на ССМ за кое ќе се одлучува за понатамошните чекори. Не сме задоволни. УПОЗ е дел од ССМ и секогаш излегува со ССМ. Знаете и сами дека како синдикати протестиравме и сами пред неколку месеци. Ќе видите дека еден од ретките синдикати кој што штрајкува и протестира е Синдикатот на УПОЗ, рече Деаноски на денешната прес-конференција.
Деаноски говореше и за донесената одлука за минимална плата која од април треба да биде повисока. Ваквата одлука на Владата беше донесена без работниците односно не постоеше договор на Економско-социјалниот совет меѓу работниците и работодавачите.
Минималната плата за 2025 година ќе се зголеми за 2685 денари во бруто-износ, односно за 1812 денари во нето-износ, соопштија вчера од „Илинденска бр.2“. Оваа сума, велат оттаму, била утврдена со примена на законските критериуми.
-Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни преставници на работниците, заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние тој консензус ќе го почитуваме. Ако се договарат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање, рече вчера премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
Синдикатите пoбараа минималната плата од 500 евра, а придонесите на разликата од висината на моменталната минималната плата до 30.000 денари, односно за зголемувањето од 6.000 денари да ги субвенционира државата. Синдикалците апелираат пратениците како што беа сложни за патните трошоци во Собранието да бидат сложни и за платите.
Д.Ѓ.