Синдикатот на УПОЗ реагира на најавеното кратење на платите на вработените во администрацијата и вели дека „со кратење на плати од вработените, ќе се покрива неспособноста на Владата“. Нагласува дека нема да бидат одговорни за бесот и последиците што ќе настанат од тоа.
-Вицепремиерот Битиќи, денес ни порача дека кратењето на плати не треба да го сфатиме лично. А, како да го сфатиме? Неофицијалните информации говорат дека сите вработени кои ќе се упатат да работата од дома, ќе добијат помала плата од 10 до 30 отсто. Тоа значи дека како награда за работа од дома, која ќе значи повисоки сметки за струја, греење, храна итн. ќе добијат пониски плати, а во некои случаи дури и пониска плата од минималната плата, велат од УПОЗ.
Со еден потег, додаваат, Владата ги укина синдикатите и колективното договарање, и ги прекрши Уставот, законите и конвенциите на МОТ кои ги има потпишано државата.
-Ќе дочекаме за првпат во историјата на нашата држава, еден министер да добие поголеми ингеренции од премиерот и во најголемата финансиска криза да одлучува кој смее, а кој не смее да добие плата. Со ваквите постапки, Владата единствено успеа да го навлече бесот на вработените и да ги обедини Синдикатите, а за последиците и бесот кој ќе произлезе од овие мерки, ние нема да бидеме одговорни, порачуваат од Синдикатот на УПОЗ.