Урбан ФМ радио во 2025 низ бројки: година на македонска музика, автентична програма и силна урбана заедница

Оваа година донесе и освежување на програмската шема, со јасна ориентација кон динамична дневна програма и препознатливи водителски формати

од Vladimir Zorba
10 прегледи

Изминатата 2025 година за Урбан ФМ радио (90,8 MHz) беше година на интензивна програмска активност, јасна уредувачка визија и континуирана поддршка на македонската музичка сцена. Преку бројки, содржини и луѓе, радиото уште еднаш ја потврди својата позиција како еден од ретките медиуми што системски, доследно и со јасна мисија ја промовира домашната урбана култура.

Во текот на 2025 година, Урбан ФМ реализираше 138 интервјуа и гостувања, со музичари, уметници, културни работници и релевантни личности од јавниот живот. Гостувањата се реализираа во студио, телефонски, како и од терен – вклучително и директни вклучувања и разговори за време на Макфест, со што радиото ја зацврсти својата улога како активен медиум присутен таму каде што се создава музиката.

Посебен фокус во програмата и во 2025 година имаше поддршката на нова македонска музика преку уредувачките формати Urban Fresh Release и Album Fresh Release. Во рамки на Urban Fresh Release беа реализирани 49 изданија, во кои беа промовирани 278 нови песни и 89 нови артисти, многумина од нив за првпат добивајќи простор на радио-етерот. Дополнително, преку Album Fresh Release беа промовирани албуми на домашни артисти и бендови, со што Урбан ФМ продолжи да биде платформа за целосни авторски изданија, а не само за поединечни синглови.

Оваа година донесе и освежување на програмската шема, со јасна ориентација кон динамична дневна програма и препознатливи водителски формати. Утринската емисија „Скопје се буди“ со Марко Новески, пладневната „Урбан Бла Бла“ со целосно женска водителска постава и попладневната „Урбан Драјв“ со Марко Марк создадоа програмска целина која го следи ритамот на градот – од утринска информација, преку разговор и култура, до попладневна урбана релаксација.

Во својата суштина, Урбан ФМ радио и во 2025 година остана доследно на својата мисија: да ја поддржува и промовира македонската музика, да им дава простор на нови артисти, да создава автентична програмска содржина и да гради активна урбана заедница. Преку бројките, но уште повеќе преку континуитетот, Урбан ФМ ја заокружува 2025 година како медиум што не ја следи сцената – туку активно ја создава.