Урбан туризам

Урбаниот туризам преставува катализатор на процесите во туристичката индустрија на која е потребно да се базира развојот на Скопје со зголемени инвестиции на повеќе економски полиња, бизнис и туристички патувања, зголемувања на просечниот престој и во следните пет години надминување на бројката од два милиони ноќевања, нови работни места, развој на малите и средни компании во урбаната средина и подобрување на квалитетот во урбаното живеење за неговите жители

од Vladimir Zorba
6 прегледи Љупчо Јаневски/Фото: Фејсбук

Динамиката на живеењето, новите урбани навики зачинети со глобализацијата како и новата реалност во нашите животи на повеќе полиња со завршувањето на пандемијата со ковид многу јасно ги трасира идните глобални туристички движења.

Според Обединетите Нации пред една деценија во урбаните средини живеела 54% од вкупната светска популација а се предвидува дека до 2030 година овој процент ќе ја надмине бројката 60% што ќе создаде дополнителен притисок во одржливоста на урбаните средини но одлична можност за развој на Урбаниот туризам. Доколку операционализациски го анализираме значењето на терминот Урбан туризам, тој преставува патување за рекреација, одмор или бизнис патување во урбана, односно градска средина. Сепак според дефиницијата на Светската туристичка организација – СТО при Обединетите Нации која е многу поширока, Урбаниот туризам е „вид на туристичка активност што се одвива во урбан простор со свои вродени атрибути карактеризирани со економија базирана на неземјоделски производи, како што се администрација, производство, трговија и услуги и развиена мрежа  на транспорт. Урбаните/градските дестинации нудат широк и хетероген спектар на културни, архитектонски, технолошки, социјални и природни искуства и производи за слободно време и бизнис“.

Урбаниот туризам веќе претставува движечка сила во развојот на многу градови и земји, придонесувајќи за напредокот на новата урбана агенда и 17-те негови цели ,а јас би ја издвоил следната цел кон која треба да се стремиме сите „Да се направат градовите и човечките населби инклузивни, безбедни, отпорни и одржливи. Туризмот во целост е поврзан односно суштински  со тоа како еден град се развива, обезбедува повеќе и подобри услови за живот на своите жители и посетители.

Веднаш можеме да издвоиме голем број на европски или светски метрополи кои сме ги посетиле или имаме желба тоа да го направиме во многу блиска иднина мотивирани од големиот број на туристички атракции кои ги нудат или стилот и начинот на живеење преплетени со уникатна култура, архитектура, уникатна гастрономија, шопинг и бизнис центри, одличен ноќен живот, развиена инфраструктура или концепт на развој на урбаната заедница. Се тоа е магичноста слеана во Урбаниот туризам кој во последните години доживува уште поголем раст преку еден негов модифициран концепт, односно кратките неколкудневни патувања City break кој нема сезоналност и се одвива во текот на целата година.

Во оваа прилика би потсетил на силното туристичко брендирање на светските метрополи како:

–       New York – “I ❤ NY”

–       Las Vegas – “What Happens Here, Stays Here”

–       Amsterdam – “I Amsterdam”

–       London: See the World. Visit London.”

–       Paris – “Paris, je t’aime”

–       Berlin – “Be Berlin”

–       Dubai – “Dubai: The City That Defines the Future”

–       Sydney – “There’s Nothing Like Australia (Sydney)”

–       Hong Kong – “Asia’s World City”

Или можеме да продолжиме со регионот

–       Белград – „The City That Never Sleeps“

–       Софија – „Where History Meets Nature“

–       Загреб – „Feel the Pulse of the City“

–       Љубљана – „Green. Creative. Smart.“

–       Подгорица – „A Different Kind of Capital“

–       Тирана – „Colorful City of Energy“

–       Приштина – „Newborn City“

–       Атина – „The City of Gods“

и веднаш ќе се зашрашаме каде е нашето Скопје во низата?

За да одговориме на ова прашање мораме да одговориме на милиони други кои ќе не втурнат во делот како успеавме за само триесетина години нашето Скопје кое беше предвесник и пример на модерна метропола конкурентна со регионалните градови до ова што е денес!

Сепак тоа да го оставиме на страна туку да се фокусираме за тоа што заслужува нашето Скопје како главен град на Македонија. Градот кој има длабока историја повеќе од две илјади години, крстосница на цивилизации и култури кои оставиле безброј позитивни белези но град кој што има многу поголема уникатност во светски рамки а тоа е Скопје: „ Градот на Солидарноста“. Нешто ново за младите генерации но град кој што денес е пример низ голем број на објекти подарени од европски држави по катастрофалниот земјотресот во 1963 година. Одлична можност повторно да го развиваме Скопје во тој дух со уникатен пристап и Урбано туристичко брендирање доволно конкурентен за регионалните главни градови.

Потребно е да се искористи светското Expo 2027 година во Белград на одличен начин и нов развоен концепт да се престави Скопје – Европската метропола на културата за 2028 година, единствена шанса во светски и европски рамки што не смееме да ја испуштиме. Пред градскиот татко, советот и градската администрација стојат голем број на предизвици од повеќе сфери на подобрување и градење на концепт на одржливо живеење во метропола која ќе има модерен јавен превоз, развиена инфраструктура, зелена транзиција, подобрен сервис за граѓаните на секое поле, манифестации кои ќе го брендираат градот како Скопскиот фестивал кој треба да се извади од заборав, реновирањето и санирањето на музеите, театрите и културните домови, инвестиции во светски хотелски брендови, нови бренд ресторани, уникатен ено-гастро концепт, светски спортски настани, туристички информациски центри, дигитализација на услугите во секој сегмент до поголем број достапни туристички атракции наменети за домашните  странски туристи.

Урбаниот туризам преставува катализатор на процесите во туристичката индустрија на која е потребно да се базира развојот на Скопје со зголемени инвестиции на повеќе економски полиња, бизнис и туристички патувања, зголемувања на просечниот престој и во следните пет години надминување на бројката од два милиони ноќевања, нови работни места, развој на малите и средни компании во урбаната средина и подобрување на квалитетот во урбаното живеење за неговите жители. Град во кој туризмот ќе има силно влијание во неговиот развој со внесување на значителни финансиски средства кои дирекно ќе влијаат во неговиот брзо унапредување, циркуларна економија и оддржливо живеење.

Се ова е можно но како никогаш досега потребни сме си едните на другите да веруваме дека вредиме за нешто повеќе, работиме, работиме и од град од кој сите сакаат да си заминат во следните пет години создадеме град кој ќе има најголем раст во посетите, остварените ноќевања, град посакуван од младите да започнат со бизнис и град на насмевки. Градот кој ќе го диктира урбаното живеење и мултиплициран во останатите градски средини во Македонија!

Тоа заслужува нашиот главен град Скопје!

Доц. д-р Љупчо Јаневски 

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.