Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска го поздрави договорот за 16-тиот пакет санкции на Европската унија против Русија и рече дека ЕУ е посветена да продолжи да врши притисок врз Кремљ.
„ЕУ уште пожестоко се справува со заобиколувањето (санкциите) со таргетирање на повеќе бродови од флотата во сенка на Путин и воведување нови забрани за увоз и извоз. Ние сме посветени на продолжување на притисокот врз Кремљ“, рече Фон дер Лејен на социјалната мрежа Х.
Договорот за 16-тиот пакет санкции го поздрави и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас која на социјалната мрежа Х оцени дека ЕУ со построги мерки за заобиколување на санкциите, нови забрани за увоз и извоз и санкции за „флотата во сенка“ на Путин, ја затвора вратата за работата на „руската воена машина“.
„Кремљ нема да ја скрши нашата решителност“, рече Калас, пренесува Танјуг.
Амбасадорите на 27-те земји-членки на ЕУ денеска усвоија нов, 16-ти по ред пакет санкции против Русија, кој меѓу другото вклучува забрана за увоз на руски алуминиум во Унијата, објавија дипломати во Брисел.
Новите санкции, кои треба официјално да бидат усвоени од министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник, вклучуваат дополнителни мерки за ограничување на извозот на руска нафта, соопштија дипломатски извори.