Светскиот ден на здравјето денеска беше одбележан низ целиот свет под слоганот „Заедно за пофер, поздрав свет“, а Светската здравствена организација (СЗО) повика на итни активности за отстранување на нееднаквостите во областа на здравствената заштита и подобрување на здравјето за сите, при што „никој не смее да биде занемарен“.
„По повод Светскиот ден на здравјето оваа година, повикуваме на акција за отстранување на нееднаквостите во областа на здравството, како дел од едногодишната кампања насочена кон обединување на луѓето во напорите да изградат пофер, поздрав свет“, соопшти СЗО.
Кампањата го нагласува основниот принцип на СЗО дека „уживањето во највисок можен стандард кога станува збор за здравјето е едно од основните права на секое човечко суштество, без оглед на расата, религијата, политичкото верување, економските или социјалните околности“.
Овој 7 април, како и минатата година, помина во сенка на пандемијата Ковид-19. Во моментов, околу 22,9 милиони луѓе во светот се заразени со коронавирусот. Од почетокот на пандемијата, вкупно повеќе од 133 милиони луѓе се заразени на глобално ниво, додека 2,9 милиони починале како резултат на Ковид, според податоците на worldometers.info.
Пандемијата погоди повеќе групи луѓе повеќе, продлабочувајќи ги здравствените нееднаквости.
„Во рамките на земјите, бројот на случаи и смртни случаи од Ковид-19 е поголем во групи кои секојдневно се соочуваат со дискриминација, сиромаштија, социјално исклучување и лоши услови за живот и работа, вклучително и хуманитарни кризи. Се проценува дека помеѓу 119 и 124 милиони луѓе биле погодени од екстремна сиромаштија поради пандемијата минатата година “, објави СЗО на својата веб-страница, додавајќи дека постојат убедливи докази дека пандемијата ја зголемила родовата нееднаквост кога станува збор за вработувањето, односно дека изминатите 12 месеци повеќе жени отколку мажи останале без работа.
СЗО посочи дека додека земјите се борат против пандемијата, таа дава единствена можност да се создаде поправеден, поздрав пост-пандемиски свет преку исполнување на постојните обврски, ветувања и договори и воспоставување нови.
„Нееднаквостите во нашите општества и нашите здравствени системи одат рака под рака со пандемијата Ковид 19. Од суштинско значење е владите да инвестираат во зајакнување на нивните здравствени услуги и да ги отстранат бариерите што спречуваат толку многу луѓе да ги користат, така што повеќе луѓе ќе имаат можност да водат поздрави животи“, рече генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебрејесус.
СЗО повика на забрзување на пристапот до технологиите против Ковид меѓу и во рамките на земјите, инвестирање во примарната здравствена заштита, здравството и социјалната заштита да станат приоритет и градење на безбедна, здрава и инклузивна средина и подобрување на информациските системи за обезбедување податоци од доменот на здравјето.