ЈСП Скопје утрово соопшти дека од денеска 35 нови возачи започнуваат со работа во претпријатието, со што бројот на возачи изнесува 623. Како што појаснуваат, до овој момент нема заминати возачи, освен лицата кои под редовни услови заминуваат во пензија.
-Апелираме корисниците на јавниот превоз да не потклекнуваат на обидите за ширење на лажни вести од одредени политички структури дека „автобусите ќе застанат“ поради немање на возачки персонал. Напротив, полека, но сигурно, се подобруваат условите за работа на вработените што е предуслов за подигнување на квалитетот на јавниот превоз. Спорадичните случаи на сообраќајни незгоди и контроли во градот врз кои претпријатието нема влијание, а поради кои се случува да доцнат автобусите се ставаат во дневно политичката агенда на напади врз ЈСП „Скопје“, велат оттаму.
Напротив, како што посочуваат од ЈСП Скопје, полека, но сигурно, се подобруваат условите за работа на вработените, што е предуслов, се нагласува, за подигнување на квалитетот на јавниот превоз.
-Како никогаш досега, се вложуваат напори за подобрување на работната атмосфера и функционирањето на јавниот превоз и покрај медиумската хајка и непринципиелните дневно-политички агенди, додаваат од ЈСП Скопје.
Скопската градоначалничка, Данела Арсовска пред неколку дена се закани со кривична пријава против сите што, како што вели, пласираат дезинформации дека во ЈСП недостигаат сто возачи, затоа што заминале да работат во Германија и во други држави.
Таа повтори дека ЈСП нема примено никакви дотации од Владата и покрај тоа, продолжило да функционира и за време на криза со 400-500 проценти поскапени енергенси.
-Не може некој да сее страв и паника меѓу граѓаните, а тие секојдневно да се прашуваат дали ќе стигнат на своето работно место или не, затоа што некој си дозволува неказнето да пласира невистини по јавноста и медиумите, изјави Арсовска.