Уште десет македонски државјани го напуштија Израел

од Nikola Popovski
232 прегледи

Министерството за надворешни работи информира дека преку различни транспортни канали, уште десет наши државјани го напуштија Израел, и тоа: четири со лет до Атина, петмина до Подгорица, а едно лице со лет до Истанбул; заедно со оние кои претходно тоа го сторија, вкупната бројка за изминативе два дена надмина 30 наши државјани што го напуштија Израел.

Од МНР посочуваат дека Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив, во тесна координација со кризниот штаб во Министерството за надворешни активно работат на враќање на уште 100 македонски државјани, кои побарале помош во напуштањето на Израел. Се наведува дека во овој момент поголемиот дел од овие граѓани се наоѓаат на локации кои се сметаат за безбедни.

-Еден дел од нив веќе имаат обезбедено билети преку редовните летови кои се активни преку меѓународниот аеродром во Тел Авив кој е во целосна функција. Дел од нив се наоѓа во подрачја кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни, за што веќе е обезбеден внатрешен транспорт низ територијата на Израел за нивно префрлување на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома. Меѓу нив се и двајца наши државјани во Појасот Газа, за чие извлекување е задолжена Амбасадата на Северна Македонија во Каиро, која е во директна комуникација со Министерството за надворешни работи на Египет, се вели во соопштението од МНР.

МНР преку Кризниот штаб и дипломатско-конзуларната мрежа, воспостави директна комуникација и координација со земјите од регионот на Блискиот исток и Југоисточна Европа, со цел искористување на сите расположливи летови и враќање на нашите државјани, за што е пратена и итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на Република Северна Македонија, во двата региона.

Слични содржини