Уште еден тим го посака Дурент

од Vladimir Zorba
181 прегледи

Мемфис Гризлис, кој минатата сезона заврши на второто место во Западната конференција во НБА, се подготвени со понуда за крилниот напаѓач на Бруклин Нетс, Кевин Дурент. Веста ја објави Шамс Шаранија од веб-страницата „Атлетик“.

Гризлис имаат еден од најмладите тимови во лигата, а исто така ги поседуваат и сите нивни пикови од првото коло во следните седум години, како и изборот на Голден Стејт Вориорс во 2024 година. Надежта на раководството на Мемфис е дека може да го натера Бруклин да го замени Дурент за најмногу пет пика во првата рунда без да се раздели со бекот Дезмонд Бејн или центарот Џерон Џексон Јуниор.

Дурент, кој на крајот на септември ќе наполни 34 години, има договор за уште четири сезони. Изминатата кампања беше една од најпродуктивните за него од статистичка гледна точка. Заврши со просек од 29,9 поени, 7,4 скока и 6,4 асистенции по натпревар во кариерата. Со својот поранешен тим, Голден Стејт Вориорс, освои две шампионски титули и двапати беше прогласен за МВП на финалето, а имаше и 12 настапи на „Ол Стар“.

На почетокот на летото, Дурент побара да биде префрлен во друг тим, бидејќи не бил задоволен од насоката на Бруклин Нетс поради работата на главниот тренер Стив Неш и генералниот менаџер Шон Маркс.

Според американските медиуми, Бостон Селтикс, Атланта Хокс, Торонто Репторс, Мајами Хит, Филаделфија 76ерс и Феникс Санс досега побарале информации за трансфер на Дурент.

Слични содржини