Реал Мадрид синоќа оствари важна победа од 1:0 против Хетафе, со голот на Арда Ѓулер во 21. минута и со тоа го одржа приклучот зад Барселона во борбата за освојување на шампионската титула.
Сепак, во пресрет на финалето на Купот на кралот во кое играат со клубот од Каталонија, се повредија двајца важни играчи за Реал. Имено, во текот на вчерашниот натпревар, теренот мораа предвреме да го напуштат Давид Алаба и Едуардо Камавинга, а нивните повреди ги коментираше тренерот Карло Анчелоти.
„Алаба и Камавинга претрпеа мускулни повреди. Малку е веројатно дека ќе се опорават навреме за натпреварот со Барселона“.
Алаба мораше да го напушти теренот на почетокот на вториот дел откако почувствува истегнување на мускулот. На негово место влезе Камавинга кој исто така ја заработи истата повреда на крајот од натпреварот. Така Анчелоти ќе мора да ја смени формацијата и да прави ротации внатре во тимот.
Финалето на Купот е закажано за в сабота, од 22 часот.