Уште едно дете од Авганистан почина во Полска поради отровни печурки

од Nikola Popovski
343 прегледи

Уште едно момче од Авганистан од евакуираното шестчлено семејство, кое беше отруено на 24 август во центарот за бегалци во Подкова Лесна Дембак, во близина на Варшава, почина во болница во Варшава, откако сами си зготвиле супа од отровни печурки.

На шестгодишниот Мустафа не му помогнала итната трансплантација на црн дроб, а Здравствениот центар за деца објави дека на него, како и на неговиот брат, петгодишниот Али, му била дијагностицирана мозочна смрт поради сериозно оштетување од токсините од печурката.

Нивната сестра (17) која исто така била отруена со супа од печурките собрани на теренот на центарот за бегалци и зготвена, порано беше пуштена од болница.

Таткото на семејството им рече на новинарите дека ја зготвиле супата од една од најотровните печурки во Полска затоа што не знаеле дека печурката е отровна, и дека биле гладни затоа што наводно примале два оброка дневно.

Центарот за бегалци го објави менито од таа недела, што покажува дека имало три оброци дневно.

„Имам впечаток дека ова е несреќна случајност. Тие се уште беа во карантин и не можеа да излезат од отворениот центар за да купат нешто за јадење. Има бегалци од различни националности, Чеченци, Сомалијци, разни култури, разни кујни. Тешко е да се подготви јадење што ќе одговара на секого. Сепак, износот издвоен за храна за бегалците треба да биде поголем “, изјави Каролина Червињска од Полскиот миграциски форум, кој исто така им помага на бегалците во тој центар, за полскиот весник Газета Виборца.

Полското обвинителство започна кривична истрага за негрижа на авганистанско семејство, односно родителите и четири деца, од кои две починаа, а бегалските центри апелираат деновиве до бегалците да не собираат печурки што не ги познаваат добро.

Полска во август евакуираше 1.021 лице од Авганистан, соработници на полски војници и дипломати во мисијата во Авганистан и членови на нивните семејства, и тие во моментов се во карантински центри за бегалци.

Заедно со нив, Полска евакуираше и прими 500 преведувачи и соработници на други сојузници на НАТО во Авганистан за три месеци.

Слични содржини