Олимписките игри во Париз ќе бидат последното натпреварување на кое ќе учествува познатиот шкотски тенисер Енди Мареј пред да стави крај на својата богата професионална кариера.
Оваа информација преку социјалната мрежа X ја објави Британецот кој во мај наполни 37 години и вели дека настапот за репрезентацијата на неговата земја отсекогаш бил нешто посебно за него.
„Пристигнав во Париз на мојот последен турнир во кариерата. Играњето за Велика Британија отсекогаш беше нешто посебно за мене и јас сум исклучително горд што добив уште една шанса да играм“, напиша Мареј во својата објава.
Роден во Шкотска и некогаш прв играч на АТП листата, во својата успешна кариера освои 46 титули, а двапати, во 2012 и 2016 година, беше олимписки шампион, иако тешко е да се очекува дека ќе може да го повтори тој успех.
Во текот на кариерата имаше многу проблеми со повредите, му вградија вештачки колк, а поради повредата мораше да го пропушти неодамна одржаниот Вимблдон, но не сакаше да се откаже додека уште еднаш не заигра за Велика Британија на Олимпијадата.
На Игрите пристигна како 121 играч на планетата.