Услов за продолжување на преговорите со ЕУ: Без консензус за уставните измени по лидерската средба

од Nikola Popovski
225 прегледи

Лидерите на парламентарните политички партии во земјава не се договорија за уставни измени кои би го исполниле условот за продолжување на преговорите со Европската унија (ЕУ).

Како што рече премиерот Димитар Ковачевски, власта е задоволна што лидерите седнале на маса, а опозицијата смета дека власта не ги слуша вистинските проблеми на граѓаните и бара предвремени избори.

По четиричасовни разговори во парламентот, средбата на лидерите на политичките партии кои имаат пратеници заврши без консензус за уставните измени кои треба да овозможат Бугарите и другите националности да бидат внесени во Уставот.

Тоа е услов за продолжување на преговорите со ЕУ откако ќе заврши првата фаза од објаснувачкиот скрининг, по што следува билатералниот скрининг.

Ковачевски, кој ја свика средбата, вели дека таа поминала во позитивна атмосфера на дијалог, но без заеднички заклучоци.

„Не е време за поделби, никој нема корист од тоа, сега е вистинскиот момент да ја искористиме шансата и со полн капацитет да ја реализираме зацртаната цел“, рече Ковачевски.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски изјави дека власта нема мнозинство за усвојување на уставните амандмани.

„Врз основа на тој заклучок, логичен редослед на настаните е да се распушти парламентот, да се формира техничка влада и да се оди на вонредни парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети рече дека вчерашната средба била една од најдолгите лидерски средби која поминала рационално и во смирена атмосфера.

„Доминираше смиреноста, рационалноста и тоа ми е остави впечаток од оваа средба. Посакувам оваа смиреност да продолжи до приближување на разликите меѓу мнозинството и малцинството. Јас знам дека тоа не се лесни прашања и на средбата упатив апел да се надминат носталгиите, да се вратиме на рационалноста, на разумноста затоа што доколку се отворат прашања што припаѓаат на минатото тешко дека ќе може да се определиме за иднината“, рече Ахмети.

Засега нема најави за можна нова лидерска средба во блиска иднина.

Слични содржини