Условна казна од 2 години за Пешевска која призна вина во случајот „Онкологија“

Пешевска се товари дека соработувала со поранешниот директор и небрежно постапувајќи дозволила финализирање на терапија кај седум пациенти.

од Nikola Popovski
110 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Канал 5 Тв

Условна казна за онкологот Мери Пешевска, одлучи Кривичниот суд. Пешевска претходно призна вина. Заедно со поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, и уште двајца онколози беше обвинета за несовесно лекување пациенти.

„Судот на обвинетата ѝ изрекува алтернативна мерка-условна осуда, така што на обвинетата Мери Пешевска ѝ утврдува казна затвор во траење од две години, истовремено определува дека истата нема да се изврши, ако обвинетата за време од пет години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело“, стои во пресудата.

Таа се товари дека соработувала со поранешниот директор и небрежно постапувајќи дозволила финализирање на терапија кај седум пациенти.

Пешевска уште додаде дека нејзиниот печат го користеле специјализанти, но сепак повторно истакна дека тој факсимил е нејзин и поради тоа признава вина што токму тоа го дозволила.

Ексдиректорот на клиниката, Васев и двајцата онколози обвинети во случајот „Онкологија“ негираат вина.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.

Слични содржини