Рускиот претседател Владимир Путин побара Украина да ја предаде контролата врз регионот Донецк како услов за завршување на војната за време на телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп на 16 октомври, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на два високи извори запознаени со разговорот.
Според нив, фокусот на Путин на Доњецк покажува дека тој не се откажува од своите претходни барања, и покрај оптимизмот на Трамп за можен договор. Американскиот претседател не коментираше јавно за барањето на Москва Украина да се откаже од регионот.
Изворите додадоа дека за време на разговорот, рускиот претседател изразил подготвеност да „се откаже“ од делови од два други украински региони – Запорожје и Херсон – кои Русија ги има делумно окупирано, во замена за целосна контрола врз Доњецк.
Ова барање е помалку амбициозно од понудата што Путин ја даде во август за време на самитот со Трамп во Алјаска. Некои претставници на Белата куќа го опишаа како „напредок“, рече еден извор запознаен со разговорот.
„Украинците веројатно нема да го гледаат тоа на тој начин“, рече друг извор, висок европски дипломат. „Како да им ја продадеш сопствената нога за џабе.“
Ниту Белата куќа ниту Кремљ не одговорија на барањата за коментар за ова прашање.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано повторуваше дека украинските сили нема да се повлечат од Донбас како дел од каква било „територијална размена“ за која зборуваше Трамп. На 3 септември, тој нагласи дека значаен дел од одбраната на земјата е концентриран во регионот и дека Русија не успеала да освои ниту 30 проценти од една област за повеќе од три години целосна инвазија.