По појавата на африканска свинска чума во делчевското село Драмче, во радиус од три километри до денеска уништени се вкупно 195 домашни свињи, односно со овој потег немаме ниту една жива свиња. Направена е депопулација, со што лешовите од овие животни се депонирани во сточна јама во Делчево каде се преземени сите мерки да не дојде до ширење на вирусот. Ова го истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски на денешната прес-конференција организирана од Стопанската комора на Северна Македонија на тема „Вонредни мерки за справување со прв случај на африканска свинска чума во Република Северна Македонија“.
Во наредните денови, Бабовски соопшти дека ќе продолжи депопулацијата во радиус од десет километри во одгледувалиштата каде не можат да се спроведат био-сигурносни мерки или во одгледувалиштата во кои нема да дојде до случај да бидат дијагностицирани нови случаи на овој вирус.
– Нешто слично како и со КОВИД-от, овде немаме воопшто можност да се изврши вакцинирање или да се изврши тераписки третман, односно лекување на животните. Сигурен исход на животните заразени со овој вирус е леталниот исход, вели тој.
На ниво на цела држава, АХВ спроведува вонреден попис на сите одгледувалишта на свињи и проверка на веќе воспоставената категоризација за примена на безбедносните мерки. Во овој период воведена е забрана за какво било движење на приемливи животни, со исклучок на оние животни што со соодветна дозвола се носат на колење.